Никогаш појасни не биле пораките од нашите стратешки партнери од ЕУ дека до 2030 година е можно проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дека работата е на нас како ќе ги движиме процесите во регионот. Државите од Западен Балкан има различен капацитет на отпорност на недемократските тенденции што доаѓаат однадвор. Ова е празнина за ветриштата што веќе ја нишаат стабилноста на кревкиот Западен Балкан и самата ЕУ. На сите нас ни се потребни единство и стабилност за да можеме да зборуваме за заедничките перспективи, рече премиерот Димитар Ковачевски на вториот ден од годинешниот Преспа форум за дијалог, кој се одржува во Струга.
Според него, треба да се стимулира и поддржи затворањето на билатералните прашања секаде каде што е потребно.
-Добро е што регионот и Европа го имаат Преспанскиот договор како добар договор за функционална демократија. Договорот од Преспа одговара на загриженостите кај речиси сите земји со слични спорови, затоа што е модел на дипломатија чии решенија ги заштитуваат идентитетските определби на еден народ. Важно е да се има храбро и стратешко лидерство. Се покажа дека политичките решенија се решенија и за економијата во позитивен смер, рече Ковачевски на сесијата „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“.
Премиерот ја поздрави и резолуцијата на германскиот Бундестаг за признавање и недвосмислена потврда на македонскиот идентитет, јазик и култура.
-На нас е да носиме одлуки кои што не водат во ЕУ, бидејќи предизвиците се можности, а нашите неповторливи шанси се токму денес, кажа меѓу другото Ковачевски.