„СДСМ постави навистина високи стандарди во делот на вреднувањето на секој поединец и секој граѓанин во државата , бидејќи ние сме партијата која се залага за концептот едно општество за сите и тоа не е декларативно туку и низ голем број конкретни мерки и активности кои што се преземаа изминатите години,“ истакна претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски, во интервју за Контрапункт, на настанот организиран од Фондацијата „Ромите за демократија“зборувајќи за досегашната и идната политика во Северна Македонија за Ромите.
Ковачевски во делот на унапредување на образованието за Ромите ги посочи стипендиите кои до 2016 година беа во мал број и нивното четирикратно зголемување, а во делот на средношколските стипендии, посочи дека само во Општина Шуто Оризари има над 900 стипендии и истите се за 20 отсто повисоки.
„Во делот на градинките речиси 200 деца имаат бесплатна партиципација за присуство во детските градинки,што претставува влог во предучилишното воспитание на ромските деца, кои понатаму ќе бидат подобри ученици во понатамошното образование.
Во делот на бизнисот, посочи Ковачевски, со фондовите на државата, овозможено е за 300 Роми да можат преку различните мерки во државата да аплицираат за самовработување, основање за свој бизнис или да го формализираат својот бизнис кој што порано го имале, да основаат фирми, да се вработат и вработат други.
„Милион евра беа вложени само во изминатите три години во делот на инфраструктурата во места и општини каде што живеат Роми, и тоа не само во Скопје, Шуто Оризари, туку и во Прилеп, Струмица, Кочани, Битола,“ истакна Ковачевски.