Ковачевски жали за именувањето на бугарскиот клуб: Антифашистичката определба е дел од нашиот идентитет

од Nikola Popovski
207 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски со видео обраќање се осврна на провокациите што по повод отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола поттикнаа говор на омраза и недоверба меѓу двете страни. Ковачевски жали што со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме.

-Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови. Нашата држава ја стекна својата независност по Втората светска војна во која граѓаните учествуваа во антифашистичката народно ослободителна војна. Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме во демократска Европа. Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба, вели Ковачевски во своето обраќање.

Премиерот истакнува дека Република Северна Македонија е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство. Тој верува дека треба да продолжи дијалогот и унаредување на односите меѓу двата народи до конечно решавање на спорот.

-Но, за тоа да биде успешно, ниедна од страните не смее да прави чекори назад. Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи кои ги градиме, стои во обраќањето на Ковачевски.

Јунскиот рок за почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската унија се чини е недостижна цел по новиот бран тензии, предизвикани од одлуката на властите во Софија да го именуваат бугарскиот културен центар во Битола по Ванчо Михајлов.

За време на војната, по средбите со Адолф Хитлер и Хајнрих Химлер, Михајлов се обидел да организира нацистички единици во Македонија и Бугарија, по што живеел во Загреб, од каде што побегнал во Италија. Михајлов почина во 1990 година во Рим.

На потегот на Софија остро реагираше и еврејската заедница во Македонија, која изрази „огорченост затоа што културниот центар во Битола го доби името на фашист и близок соработник на нацистите“.

„Овој чин е навреда за Евреите и закана за човековите права и слободи. Тоа е класичен пример за непочитување и фалсификување на историјата“, велат од Еврејската заедница.

Слични содржини