Денеска откриваме нов скандал за премиерот – дезертер од Армијата на Република Македонија. Според информациите кои стигнаа до нас, премиерот Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок и тоа токму во периодот на воениот конфликт во 2001 година, односно не одговорил на повикот на својата татковина кога за тоа бил побаран и кога и’ бил најпотребен, изјави Драган Ковачки на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека како и сите граѓани на Република Македонија кои во тој период служеа во редовите на АРМ, така и сегашниот, како што го нарече, нелегитимен премиер, морал да се јави во војничките редови.
„ Но повторувам, според информациите со кои располагаме, дезертерот Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок во АРМ. Причината поради која дезертирал е дека е цитирам трајно неспособен.Ковачевски кој сега е премиер и ги ужива сите благодети на слободата и на демократијата, којашто ја има бидејќи луѓе загинале за таа слобода и демократија, додека тој бегал од војска, не се јавил на отслужување на воен рок и не се пријавил во 2001 година, иако бил повикан. Ковачевски е човек дезертер, кој не заслужува да ја води државата.Го повикуваме дезертерот Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите? Да излезе и да каже, во спротивно ќе објавиме се што имаме“ рече Ковачки.
Доколку е навистина трајно неспособен, рече Ковачки, тогаш мора веднаш да се повлече од премиерската позиција.
„Доколку дезертерот Ковачевски бил трајно неспособен да отслужува војска и да ја брани државата, тогаш како е способен да биде премиер? Дали на чело на владата имаме трајно неспособна личност и дали тоа е причината поради која Македонија е понижувана.Одговорност мора да има како за дезертерот Ковачевски, така и за целата СДС, коишто наместија трајно неспособна личност на чело на Владата.Дали Ковачевски е поставен за премиер, токму затоа што е трајно неспособен? “ праша Ковачки.