Димитар Ковачевски и Бујар Османи 6 месеци тајно преговарале за последниот предлог кој стигна во Бугарија и во Македонија. Со месеци е усогласуван предлогот за бугаризација на Македонија и за тоа амин има од Ковачевски и Османи, изјави денеска на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Доколку Ковачевски е толку сигурен во предлогот што го преговарал и договорил, тогаш единствено исправно е тој да распише избори. На тие избори тој и СДСМ ќе го бранат предлогот за бугаризација и ќе сакаат негова имплементација, а ние ќе бидеме против. Па народот нека одлучи. Изборите кои вака би биле распишани би биле референдумски избори, на кои граѓаните ќе имаат јасен избор, или се за предлогот за бугаризација на државата или против. Или со СДСМ државата ќе тоне, или со ВМРО-ДПМНЕ ќе ја застанеме државата на нозе, рече Ковачки.
За ВМРО-ДПМНЕ овој предлог е лош за Македонија, и не е заснован на никакви европски вредности.
-Ковачевски има уште простор да се предомисли и изречно да го отфрли последниот предлог, без воопшто да преговара дополнително. Овој предлог е неправеден кон Македонија, која 22 години е во чекалната на Унијата, од потпишувањето на Актот за стабилизација и асоцијација, до денеска. На Македонија и треба европска перспектива, која ќе биде заснована на заемна почит, а не на омаловажување, нагласи Ковачки.