Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки повторно побара одговори од премиерот Димитар Ковачевски во однос на обвинувањата од најголемата опозициска партија дека премиерот „намерно избегнувал служење воен рок“.
-Дали лажевте за да не одите војска или навистина сте трајнонеспособен? Според тоа што објавувате, не може да се заклучи дали сте лажеле или сте биле трајно неспособен. Ако требало да правите интервенција, тогаш ќе ви даделе дијагноза времено неспособен и ќе ве побарале после одреден период на ре-оценување. Но, Вие сте приложиле документ со кој сте „трајно неспособен“ и со таа дијагноза сте избегнале да служите војска тогаш кога државата ве побарала. Провидно!, објави Ковачки.
Тој очекува и извинување од СДСМ и портпаролот Дарко Каевски во законски предвидениот рок, заради како што вели, го нарекле „воен дезертер“.
-Во спротивно, ќе покренам тужба, а парите од пресудата ќе ги донирам за децата на бранителите кои загинаа додека вие се криевте и лажиравте, посочи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски претходно ги демантираше наводите на Ковачки.
-Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат, стои во изјавата на премиерот и претседател на СДСМ.