Споредено со бројот на тестови и целокупната статистика, бројот на новодијагностицирани иако значително помал од изминатите денови, и натаму е висок процент. Имено, од 1181 тестови, 336 се нови во списокот евиденција болни од Ковид 19. И бројот на мртви не се намалува, поконкретно само во изминатото деноноќие имавме 32 починати лица, додека пак, за првпат малку повисока е бројката во позитивната статистика, односно во текот на вчерашниот ден се регистрирани 544 оздравени пациенти.
Министерот за здравство пак, Венко Филипче, вели дека мерките кои Комисијата за заразни болести ги донесе даваат резултат и бројката на хоспитализации се стабилизира.
„Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи. Очекуваме во наредиот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. На инфективните оддели има се повеќе слободни места. Ја следиме состојбата од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат, имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети подготвени да се отворат“, посочи Филипче по состанокот со директорите на ковид – центрите во комплексот „Мајка Тереза“.
На состанокот помеѓу директорите и министерот Филипче, се разгледа состојбата со бројот на хоспитализирани и слободни места по инфективните одделенија и по направените анализи дојдоа до заклучок дека минатата недела е достигнато платото по бројот на хоспитализирани пациенти и веќе има благ пад на бројот на хоспитализирани на дневно ниво.
Имено, бројката на пациенти кои се лекуваат на инфективните одделенија без оглед на тоа дали се суспектни или позитивни изнесува 1296, а уште 175 слободни кревети здравството има во оптек.
Во рамки на Клиниката за кожни болести се лекуваат 24 пациенти, додека на Клиниката за неврологија 35, на Институтот за ТБЦ 44 пациенти со симптоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат 26 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија се сместени 24 пациенти, на Клиниката за очни болести 14 и во ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 19 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 106 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 153 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 35 пациенти, од кои девет деца и 24 возрасни. Вкупно 480 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид – 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. На сите инфективни одделенија има довод на кислород и може да бидат згрижени пациенти на кои им е потребно кислородна поддршка, информираат од Министерството за здравство.
Инаку, од вчера медицински персонал од Воено-медицинскиот центар, составен од 12 лекари и 20 медицински сестри се вклучи во работа на интерните клиники каде има неколку ковид – оддели.