Најпопуларниот италијански дневен весник „Корере дела сера“ претстави неколку причини кои укажуваат на тешката судбина на германската автомобилска индустрија, пишува германски „Билд“.
Во извештајот, авторот ги анализира проблематичните области на германската автомобилска индустрија, кои се однесуваат на високите цени на енергијата и тешкотијата за продажба на германските автомобилски марки во Кина.
– По санкциите за рускиот гас како резултат на руската агресивна војна против Украина, трошоците за енергија вртоглаво пораснаа. Без евтин гас, автомобилите значително поскапеа за производство – пишува „Билд“.
Се додава дека благодарение на протекционистичката политика на кинеската влада, која ги претпочита домашните производители, германските брендови сè потешко го наоѓаат патот до кинеските потрошувачи.
Дополнително, како што беше истакнато, германските производители на автомобили го пропуштија трендот кон електрични возила и „предоцна скокнаа во тој воз“.
– Кина сега доминира на пазарот, особено кога се во прашање батериите и софтверот. Според тоа, Германците губат и акции на меѓународниот пазар поради кинеските производители – објаснува овој весник.
Производните капацитети на германските фабрики веќе не можат да се користат поради падот на продажбата. Минатата година, од вкупниот капацитет од околу шест милиони автомобили, во Германија се произведени само околу четири милиони, нагласува овој весник.
Наведените проблеми, како што беше заклучено, не се од привремен карактер, туку од суштински структурни промени.
– Финансискиот директор на VW, Арно Антлиц (54) неодамна изјави дека имаат уште „најмногу две години да ја свртат ситуацијата“. Затоа, не останува уште многу време да се спаси митот за германскиот автомобил – заклучува италијанскиот медиум.