„Ова не е град за добри луѓе”, вели еден од главните карактери во ТВ серијата Готам, по најновото убиство во фиктивната метропола. Градот на Брус Вејн и Артур Флек е визиониран од креаторите на приказната како темно и опасно место, во кое корупцијата и криминалот се навлезени во секоја сфера на живеењето, а жителите се недоверливи, отуѓени и депресивни. Готам е урбана заедница само во физичка смисла, без никаков дух на заедништво. Во него секој е за себе и против секого.
Потсетува ова на некого? Мене да, на еден вистински град, најголемиот во Македонија и некогаш познат како град на солидарноста. Тој опис денеска за него е подеднакво погрешен како и описот „добри” за луѓето кои живеат во него, како за тие во Готам. Доказ за тоа е најновата трагедија во која по којзнае кој пат се прегазени пешаци од залетан автомобил на Партизанска.
Оние кои се сметаат себеси за добри го манифестираат револтот на социјалните мрежи. Повикуваат на максимална казна за возачот и ја обвинуваат полицијата дека не ја врши својата работа. Но ваквата манифестација на револтот нема никаков ефект, дури ни на олеснување кај оние кои го изразуваат. Фрустрацијата останува, затоа што ова се само крици во празно, додека стравот кога поминуваме улица станува се поголем, а сепак сам по себе не ни дава никаква заштита од разулавените возачи.
Но време е да се погледнеме во огледало и да се запрашаме дали ние навистина сме добрите луѓе. Кога сме пешаци сите сме јагниња, ама кога ќе седнеме во кола одеднаш се претвораме во волци. Во сообраќајот се излева целата акумулирана агресија од сето она на кое сме истовремено и сведоци и креатори – едно длабоко зарѓано општество во кое никаде и од никого не можеш да се надеваш на доблест.
Ова е дел од постепеното напуштање на т.н. социјален договор, како извор на меѓусебната доверба и почит во еден колектив. Минуш Шафик од Лондонската Школа за Економија ова го нарекува „тоа што си го должиме едни на други”. Како одлучивме дека не должиме ништо едни на други, освен безобѕирност и пизма? Како од град на солидарноста дојдовме до готамизирано Скопје?
Подеднакво банално и трагично како смрт на пешачки премин. Неолибералниот модел инсталиран по падот на социјализмот, во интеракција со локалниот итарпејовски менталитет, изнедри мутација на култура која е смртоносна за моралните и хуманите вредности. Се случи промена на колективната свест, која не притиска да имаме што повеќе, што побрзо. Чувството за одговорност оди во заборав под тој притисок.
И кога не можеме сите да имаме подеднакво многу и подеднакво брзо, тие што имаат помалку почнуваат да ги прекршуваат правилата за да имаат повеќе. Тие пак што имаат повеќе, ги прекршуваат правилата за да демонстрираат надмоќ. Додека првите ги гледаат вторите со завист, а вторите ги гледаат првите со презир, и двата табора се заглибени во бесконечен круг на престапи, поткупи и профитерство, оправдувајќи ги сопствените дела со тие на другите. Како што вели економскиот нобеловец Џозеф Штиглиц, нееднаквоста е коренот на проблемот.
Затоа не е виновен возачот на Тојотата. Тој 22-годишен волк во човечка кожа сме сите ние. Сите сме имале момент кога сме сакале да дојдеме до неправедна и нелегална предност на сметка на останатите, затоа што едноставно така функционираат работите во едно дисфункционално општество. Од истата причина, сите некогаш сме се обиделе да фатиме врски за да не бидеме казнети.
Најпосле, што значи правда и право, кога секој ден сме сведоци на застранувања од нив. Во политичките науки тоа се нарекува спирала на цинизмот: добрите стануваат лоши, лошите стануваат монструми. Резултатот е длабоко нарушено ментално здравје, како воведна фаза во целосен колективен морален и интелектуален колапс.
Во таков контекст, подеднакво бесмислено е да се обвинува и полицијата, затоа што и таа сме сите ние. Нашите корумпирани вредности се оние и на полицајците. Тие се подеднакво саможиви и расипани како и сите останати. Ова е во спротивност со самата идеја за професија која треба да го чува социјалниот мир. А идејата дека полицијата треба да демне на секој чекор за да го обезбеди тој мир, додека сите откажуваат лојалност кон социјалниот договор, е апсурдна.
Кога се знае сето ова, природно доаѓа прашањето – ММЕ КПП? Меѓутоа, индивидуалниот акт кој ја иницирал спиралата е безначаен во големата слика. Токму затоа и не треба да го анализираме случајот како сообраќаен проблем, и да бараме насекаде да се распоредат полицајци, било стоечки или лежечки. Сето ова е дел од пеколната општествена машина, синдром на поголемата болест, како антиваксерското движење или дивата урбанизација.
Трагедијата кај Сити Мол е совршена илустрација за тоа што значи поимот структурен проблем. За негово решавање е потребен нов социјален договор. Потребно ни е длабоко реструктурирање на образовниот систем во спротивна насока од сегашната, ориентирана исклучиво на успех на пазарот. Потребен ни е организиран систем за одржување на менталното здравје. Потребен ни е универзален приход.
Основната премиса на Готам е дека општествената декаденција е способна да отиде толку далеку, што единственото решение е земање на правдата во свои раце и вигилантизам како тој на Бетмен и Џокер. Ако не успееме да најдеме начин да станеме повторно добри, наскоро ќе видиме како животот ја имитира уметноста.
Проф. Иво Босилков
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот