Крај за ковчези и урни: Вашингтон донесе закон според кој луѓето можат да се претворат во КОМПОСТ по смртта

од Vladimir Zorba
251 прегледи

Законот што американската држава Вашингтон го донесе минатата година, им овозможува на оние што сакаат, по смртта да се претворат во компост. Овој месец ги отвори вратите првата официјално лиценцирана компанија за производство на човечки компост и има многу заинтересирани луѓе.

„Рикомпос“ е прва од неколкуте овластени компании на кои им е дозволено човечките остатоци да ги претворат во природно органско ѓубриво, пренесуваат американските медиуми.

Човечкото тело се става во капсула која содржи пилевина, сено и луцерка, а над него се става дополнителен слој од растителен материјал. Телото останува таму 30 дена, за време на кое микробите и растенијата природно го распаѓаат.

Од секое тело се добива околу еден кубен метар компост, кој по желба може да се донира на националниот резерват или на членови на семејството кои можат да го користат земјиштето доколку сакаат.

– Сè уште не сме започнале со работа, бидејќи ги чекаме последните дозволи, но веќе имаме 350 лица кои нè избраа – вели Ана Свенсон од компанијата „Рикомпос“.

Иако може да изгледа бизарно и морбидно, овој начин на грижа за мртвите е, како што велат, најприроден. Смртта и традиционалните видови погреб се многу „валкана“ практика во сè понаселениот свет.

Вообичаеното погребување во ковчег бара многу логистика и инфраструктура. Планирање гробишта, копање ровови, правење ковчези и споменици се огромни трошоци. Покрај тоа, во други делови на светот се користат големи количини на течност за балсамирање, што е многу токсично.

Кремацијата, од друга страна, исклучува многу од овие активности и бара помалку простор, но доведува до загадување кое не е мало. Според проценките, секоја индивидуална кремација емитува колку просечен автомобил на пат од 800 километри.

Слични содржини