Крајната десница ја зајакнува базата во Франција, Бардела фаворит за претседателските избори во 2027

Претстојните претседателски избори се сметаат за пресудни за Европската Унија, бидејќи Националниот фронт, кој е скептичен кон ЕУ и НАТО, во моментов е фаворит за освојување на Елисејската палата

од Кристијан Димков
10 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/CNEWS

Крајнодесничарскиот Национален фронт (National Rally) на Марин Ле Пен не освои клучни градови на локалните избори во Франција во неделата, но партиските лидери тврдат дека изградиле силна база која ќе ги однесе до победа на претседателските избори во 2027 година.

Претстојните претседателски избори се сметаат за пресудни за Европската Унија, бидејќи Националниот фронт, кој е скептичен кон ЕУ и НАТО, во моментов е фаворит за освојување на Елисејската палата.

Неделните локални избори внимателно беа следени за да се процени силата на антимиграциската партија на Ле Пен.

Најголем успех остварија на Азурниот Брег, каде што сојузник на Националниот фронт ја освои Ница, петтиот најголем град во Франција. Во Марсеј, Тулон и Ним партијата постигна значајни резултати, но заврши на второто место. Во Марсеј освои 40 проценти од гласовите, што е значаен удел во вториот најголем и космополитски град во Франција.

Партискиот лидер Жордан Бардела ги прогласи изборите за „најголем пробив во историјата“ на Националниот фронт, додека Ле Пен истакна „десетици регионални победи“, пишува Политико.

Сепак, изборите повторно ја покажаа слабоста на крајната десница во вториот круг, каде што противниците се обединуваат за да ја спречат нивната победа, што е образец кој веќе двапати ги запре претседателските амбиции на Ле Пен.

Според анкетата на „Harris Interactive“, Бардела би добил 35 проценти од гласовите во првиот круг од претседателските избори, што е за 17 поени повеќе од центристичкиот кандидат, поранешниот премиер Едуар Филип.

На изборите успех остварија и други партии: крајната левица ги освои Рубе и Сен Дени, додека конзервативците од „Les Républicains“ победија во неколку средни градови, но ги загубија Париз и Лион.

Бардела, сепак, се обиде да го претстави напредокот на Националниот фронт како незапирлив пат кон Елисеј, нарекувајќи ја партијата „мирна сила“.

„Нашите успеси не се крај, туку почеток“, порача тој.