„Кралицата на кетаминот“ осудена на 15 години затвор за смртта од предозирање на Метју Пери

од Весна Трајкова
30 прегледи

Жена од Лос Анџелес, позната како „кралицата на кетаминот“, е осудена на 15 години затвор поради продажба на дрога што довела до смртта на актерот Метју Пери, ѕвездата на серијата „Пријатели“, пишува Би-би-си.

Јасвен Санга (42) во септември минатата година призна вина по пет точки од обвинението, меѓу кои и за дистрибуција на кетамин што резултирала со смрт или тешка телесна повреда.

Обвинителството го опишало нејзиниот дом како „наркоемпориум“, од кој го финансирала својот луксузен начин на живот.

Метју Пери, кој со години се бореше со зависност, беше пронајден мртов во хидромасажна када во својот дом во Лос Анџелес во октомври 2023 година.

Истражителите утврдиле дека смртта настапила како последица на акутните ефекти од кетаминот – дисоцијативен анестетик со халуциногени својства, кој смее да се користи исклучиво под лекарски надзор.

Во пресрет на изрекувањето на пресудата, помајката на Пери, Деби Пери, побара од судот да ѝ биде изречена најстрога казна.

„Вие го предизвикавте ова… Вие, која имате доволно деловна способност да заработувате пари, го избравте единствениот пат што им нанесува болка на луѓето“, изјавила таа.

„Ве молам, изречете ѝ максимална казна на оваа бездушна жена, за да не може да повреди други семејства како нашето.“

При претресот на домот на Санга во Лос Анџелес, федералните власти пронашле десетици шишенца со кетамин. Таа е обвинета дека најмалку од 2019 година снабдувала клиенти со дрога за инјектирање од својата „скривница“ во Норт Холивуд.

Освен кетамин, биле пронајдени и илјадници таблети, меѓу кои метамфетамин, кокаин и „Ксанакс“.

Санга првично ги негирала обвиненијата, но во август прифатила спогодба и признала вина, само неколку недели пред почетокот на судењето. Како дел од спогодбата, признала и продажба на кетамин на маж по име Коди Меклори во август 2019 година, кој починал од предозирање неколку часа по купувањето.

На неа ѝ се заканувала максимална казна од 65 години затвор, а во притвор се наоѓа од август 2024 година.

Нејзините адвокати барале поблага казна, наведувајќи дека ја презела одговорноста за делата и дека претходно не била осудувана. Судот добил и писма за поддршка од нејзиното семејство и пријатели.

Санга е една од петте лица – меѓу кои лекари и асистентот на актерот – кои, според американските власти, го снабдувале Пери со кетамин, искористувајќи ја неговата зависност за лична добивка.

Сите други обвинети исто така признале вина.

Пери, најпознат по улогата на Чендлер Бинг во популарната серија „Пријатели“, со децении се бореше со зависности. Кетамин користел и како дел од контролирана терапија за лекување депресија.

Доктор Салвадор Пласенсија, кој го снабдувал актерот со кетамин во неделите пред неговата смрт, во декември беше осуден на 30 месеци затвор.

Истиот месец, доктор Марк Чавез, кој исто така му продавал кетамин на Пери, доби осум месеци домашен притвор и три години условна казна.

Лекар од Сан Диего признал дека набавувал кетамин преку лажни рецепти и го препродавал, додека асистентот на Пери, Кенет Ивамаса, кој живеел со него и му помагал при набавка и аплицирање на инјекциите, сè уште ја чека пресудата.

Ерик Флеминг, кој му продал кетамин набавен од Санга, ќе ја дознае казната во јуни.