Британската кралица Елизабета Втора се појави во јавноста денес за прв пат оваа година, два дена по олеснувањето на строгите мерки за заклучување воведени поради Ковид-19 во Велика Британија.
Британската кралица (94) ги извршуваше своите службени должности преку видео врска откако беше воведена блокадата на почетокот на годината, но денес таа го посети спомен обележјето на воздухопловните сили во Ранимед по повод 100-годишнината од Кралско-австралиското воено воздухопловство, објави Ројтерс.
Ранимед се наоѓа во близина на замокот Виндзор, западно од Лондон, каде што живее кралицата со нејзиниот 99-годишен сопруг принцот Филип.
„Помина долго откако бев тука“, рече кралицата Елизабета Втора од Велика Британија, која е и кралица на Австралија.
Последен пат британската кралица се појави во јавноста во декември во Виндзор, кога им се заблагодари на локалните волонтери и клучните работници.
Од избувнувањето на пандемијата во март минатата година, таа ретко го напушта замокот во Виндзор.