Крунисувањето на кралот Чарлс Трети, кое наводно е планирано за 3 јуни следната година, би требало да трае нешто повеќе од еден час, а церемонијата ќе биде помалку раскошна, со оглед на лошата економска состојба во земјата, јавуваат британските медиуми.
Церемонијата на крунисувањето на неговото височество во Вестминстерската опатија се очекува да биде скратена на околу една третина од должината на церемонијата во 1953 година кога беше крунисана кралицата Елизабета, која траеше повеќе од три часа.
Протоколот за крунисувањето на кралицата Елизабета во голема мера се засноваше на истите протоколи користени за крунисувањето на нејзиниот татко, кралот Џорџ VI, во 1937 година и кралот Џорџ V, во 1911 година. Сепак, се подразбира дека од војводата од Норфолк, кој го координира крунисувањето како Ерл Маршал, е побарано да подготви поедноставна, пократка и поразновидна церемонија која ја одразува модерната Британија.
Медиумите пишуваат дека плановите за крунисувањето на Чарлс се содржани во нацрт наречен „Операција Златна кугла“.
Според извор од палатата, кралот побарал голем дел од ритуалот да биде исфрлен како признание дека светот се променил во последните 70 години.
Церемонијата треба да биде повеќе религиозно и културно разновидна, а кралот Чарлс нема да ја менува облеката за време на настанот, како што правеше неговата мајка.
– Не се очекува дека кралот Чарлс ќе го направи истото како кралицата, а јазикот ќе биде прилагоден за да им биде поразбирлив на денешните генерации – тврди споменатиот извор.
Се наведува и дека бројот на гостите на крунисувањето од осум илјади ќе се намали на само две илјади, со „стотици благородници и парламентарци“ кои ќе бидат изоставени. Наводно, најверојатно ќе им биде кажано дека не може да им се гарантира место во Опатијата.
„Блумберг“ минатата недела објави дека церемонијата ќе се одржи на 3 јуни, точно 70 години по крунисувањето на кралицата Елизабета на 2 јуни 1953 година.
Сепак, некои клучни традиции веројатно ќе останат. Монархот ќе се заколне дека ќе биде „бранител на верата“ и ќе се вози низ Лондон во Државната златна кочија од 1762 година.