Бакингемската палата соопшти дека соработува со независна студија која ја истражува врската помеѓу британската монархија и трговијата со робови во 17 и 18 век.
Палатата соопшти дека кралот Чарлс го сфаќа ова прашање „многу сериозно“.
Истражувањето го спроведува Универзитетот во Манчестер во соработка со Историскиот архив на Кралската палата.
Бакингемската палата им овозможува на истражувачите целосен пристап до Кралската архива и Кралската колекција.
Студијата, докторски проект на историчарката Камила де Конинг, се очекува да биде завршена во 2026 година.
И кралот и принцот од Велс претходно изразија лична тага поради страдањата предизвикани од трговијата со робови.
Говорејќи за време на патувањето во Руанда минатата година, кралот рече дека не може да го опише „интензитетот на сопствената тага“ поради страдањата предизвикани од трговијата со робови.
Во посетата на Јамајка минатата пролет, принцот Вилијам рече дека ропството е одвратно, дека „никогаш не требало да се случи“ и дека „засекогаш ќе остави дамка на нашата историја“.
Кралот сака да го продолжи своето ветување за продлабочување на разбирањето на влијанието на ропството, изјави портпаролот на Бакингемската палата.
„Ова е прашање што неговото височество го сфаќа многу сериозно. Со оглед на сложеноста на прашањата, важно е да се истражат што е можно потемелно“, додаде портпаролот.
Соопштението на палатата беше објавено како одговор на лондонски „Гардијан“, кој претходно објави документ кој покажува трансфер на акции во Кралската африканска компанија за трговија со робови во 1689 година со Едвард Колстон – трговец со робови и заменик гувернер на компанијата – на кралот Вилијам Трети.
Кралот исто така рече дека секоја земја на Комонвелтот треба да донесе своја одлука дали е уставна монархија или република.
Тој рече дека е свесен дека корените на организацијата Комонвелт „одат длабоко во најболниот период од историјата“, додавајќи дека признавањето на грешките од минатото „е разговор чие време е дојдено“.
Докторската студија е ко-спонзорирана од Архивата на Историската кралска палата (HRP).
Истражувањето започна во октомври, еден месец откако кралот се искачи на тронот.
Ќе се испита обемот на инвестициите и другите компании за тргување со робови.