Кралот Чарлс за нападот со нож во воз во Англија: Згрозен сум и шокиран

Британската полиција денес соопшти дека засега го исклучува тероризмот како мотив за нападот со нож во возот

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Гардијан

Кралот Чарлс III денес изјави дека е „шокиран“ од нападот со нож во воз во источна Англија, во кој беа повредени најмалку десет лица.

„Мојата сопруга (кралицата Камила) и јас сме апсолутно згрозени и шокирани од овој ужасен напад со нож. Нашите најдлабоки сочувства се упатуваат кон сите погодени и нивните најблиски“, порача кралот во соопштение на социјалните мрежи.

Британската полиција денес соопшти дека во оваа фаза го исклучува тероризмот како мотив за нападот со нож во воз во близина на Кембриџ.

„Во оваа фаза, нема индикации дека станува збор за терористички инцидент“, рече Џон Лавлес, шеф на британската железничка полиција.

Тој на прес-конференцијата потврди дека две лица се уапсени под сомнение за обид за убиство, наведувајќи дека станува збор за 32-годишен и 35-годишен британски државјанин, и дека еден од нив е од карипско потекло.

Десет лица се повредени во нападот, а девет од нив имаат повреди опасни по живот.

Нападот со нож се случи синоќа во возот на релација Донкастер-Лондон Кингс Крос. Возот направи непланирано запирање на станицата Хантингдон за да може полицијата да интервенира.

Станицата Хантингдон се наоѓа во универзитетската област на Кембриџ, околу 120 километри северно од Лондон.