Креаторите на апликацијата за разговори Threema, препорачана како комуникациски метод во прирачниците на “Исламска држава”, го одбранија пронајдокот и изјавија дека “тотален надзор” не е начинот да се запре ектремизмот.
Во водич, распространет од исламистите во јануари, Threema се цитира како “сигурен” начин за комуникација. Причината е дека апликацијата ги кодира сите пораки помеѓу корисниците и гарантира целосна анонимност на корисниците. До моментов нема докази дека џихадистите, кои убија 129 луѓе во Париз минатиот петок ја ористеле програмата.
За АФП портпаролот на Швајцарците од Threema Роман Флеп изјави дека намалувањето на енкрипцијата на компјутерскиот сообраќај нема да запре слични напади.
“Немаме поим како разузнавачките служби собираат информации, но да се потпирате единствено на набљудување, за да ги контролирате социјалните и политичките проблеми никогаш не проработело во минатото и нема да функционира ни во иднина”, вели Флеп во офицален мејл.
Компанијата со седиште во Цирих, нуди платена апликација која ги енкриптира информациите од крај до крај. Тоа значи дека само испраќачот и примачот на порака можат да го видат. Содржината е недостапна за трети лица, вклучувајќи за самата компанија, која го поддржува системот. Некои западни политички лидери, професионалци и менаџери во областа на безбедноста инсистираат слични услуги да вклучуваат “задни врати”, преку кои личната комуникација да може да биде дешифрирана во случај на истрага.
Флеп не коментира дали Threema може или некогаш ќе разгледа создавање на такви можности, но изјави дека компанијата секогаш ќе се согласува со швајцарскиот закон, според кој нема право на пристап до пораки на своите корисници.
“Threema работи во рамките на законот и ќе им помага на швајцарските власти, ако е обврзана тоа да го направи. Сепак, можностите за ова се крајно ограничени, бидејќи ние немаме пристап до лозинките на нашите корисници “, додава тој. Од компанијата ја поддржуваат тезата дека правото на приватност на информациите е апсолутно, и покрај фактот дека екстремистите користат слични методи за комуникација. “Да жртвуваме некои од основите на нашите западни демократии – слобода на личен живот и изразување – за лажно чувство на сигурност не изгледа како паметен потег”, рече Флеп.
По нападите во Париз раководителите на разузнавачки служби, вклучувајќи го директорот на ЦИА Џон Бренан, повторно го покренаа прашањето за непробојните разговорни апликации.