Кремљ уште еднаш ги демантираше гласините за наводната тешка болест на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли гласините велејќи дека Путин играл хокеј во текот на викендот, пишува Index.hr.
„Можам да ви кажам една работа – дека вчера попладне тој всушност играше хокеј. Значи, тој вчера играше хокеј, а потоа вие сами размислете за неговото здравје“, изјави Песков.
За болеста на Путин веќе некое време се шпекулира, а за некои како дополнителен аргумент за овие тврдења служат движењата на Путин – наводно куцање, треперење, фаќање на масата со раце или отечено лице.
Песков гласините за здравјето на Путин ги нарече смешни и неколку пати демантираше дека е смртно болен, како што се наведува во некои извештаи.
Под притисок на високиот дописник на „NBC News“ Сајрус Сајмонс еднаш засекогаш да се соочи со гласините, портпаролот на Путин, исто така, укажа на долгиот говор на претседателот на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург минатата недела за да ги отфрли гласините за болеста.
Фото: Getty Images