Кремљ ги отфрли предупредувањата на западните земји за здравствената состојба на Навални

од Stefanija Kuzmanovska
323 прегледи

Портпарол на Кремљ денес ги отфрли предупредувањата на западните земји за цврст одговор во случај на смрт на затворениот опозиционер Алексеј Навални, кој штрајкува со глад.

„Не можеме да прифатиме такви изјави од претставници на други влади“, рече Дмитриј Песков пред новинарите, изјавувајќи дека „тие не треба да бидат заинтересирани за оваа тема“.

Европската унија (ЕУ) денес изрази „длабока загриженост“ за здравствената состојба на Навални, кој штрајкува со глад во затвор, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и повика на итно и безусловно ослободување.

Белата куќа вчера предупреди дека Русија ќе сноси „последици“ во случај на смрт на лидерот на руската опозиција Алексеј Навални, чија здравствена состојба во затворот е влошена.

Навални (44) штрајкуваше со глад пред повеќе од три недели во знак на протест дека затворските власти не му дозволија да биде прегледан од приватен лекар, поради болки во грбот и губење на чувството во  нозете.

Руската затворска служба (ФСИН) денес објави дека ќе биде префрлен од затвор во болница. Лекарот кој го лекува Навални пред два дена рече дека неговата здравствена состојба нагло се влошува и дека животот му е во опасност.

Слични содржини