Притворањето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е внатрешно прашање на Русија, така што Москва нема да слуша ничии странски изјави за тоа прашање, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, коментирајќи ги бројните повици од западноевропските земји за итно ослободување на Навални.
Димитри Песков истакна дека во случајот Навални станува збор за државјанин на Русија кој го прекршил законот.
„Слушнавме за изјавите од странски земји, но во овој случај нема да ги земеме предвид, бидејќи тоа е апсолутно внатрешно прашање на една земја, ниту планираме да даваме коментари. Ние сепак сакаме добри односи со сите, без оглед на случајот на еден граѓанин“, рече Песков, како што пренесува Тас.
Песков истакна дека за сослушувањето на Навални не е потребно посебно внимание од рускиот претседател Владимир Путин.
„Оваа ситуација не бара присуство на претседателот. Правата на сите руски граѓани се загарантирани со закон, и ние ќе пристапиме кон овој случај како и секој друг“, заклучи Песков.