Кремљ: Средба Путин и Бајден на лето

од Vladimir Zorba
153 прегледи

Кога станува збор за можна средба меѓу претседателите на Русија и Соединетите држави, Владимир Путин и Џо Бајден, летните месеци се во предвид, но датумот сè уште не е одреден, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Навистина станува збор за летните месеци воопшто, но датумот не е утврден. Се разбира, треба да се анализираат многу повеќе различни фактори за да се постигнат некои конечни договори“, рече Песков пред новинарите.

Во таа насока, тој не ги потврди тврдењата на медиумите дека наводно средбата на лидерите на Русија и Америка се очекувала на 15-16 јуни.

„Дадени се одредени предлози, но не можам да ги потврдам датумите, особено затоа што засега нема договори во врска со датумите“, додаде тој.

Новинарите го прашаа портпаролот на рускиот претседател дали се разгледува можниот датум на средбата Путин и Бајден, имајќи предвид дека Бајден ќе биде во Европа кон средината на јуни, за што тој рече дека временските рамки сè уште не се договорени.

„Беше даден предлог за време на телефонски разговор, но засега не сме договориле за конкретни временски рамки за одржување на состанокот. Би било погрешно да се зборува за тие рамки“, објасни тој.

Според портпаролот, досега ниту една земја не се разгледува како место за потенцијална средба на двајцата претседатели.

Да потсетиме, на 13 април Путин и Бајден разговараа по телефон по втор пат од инаугурацијата на американскиот претседател. Според Кремљ, претседателите детално разговарале за состојбата на билатералните односи и за низа меѓународни прашања. Белата куќа изјави дека Бајден му предложил на Путин да одржи личен состанок „во трета земја“ во следните месеци.

Слични содржини