Кремљ ги цени напорите на Ватикан да помогне во решавањето на украинската криза, изјави во средата портпаролот на претседателот Владимир Путин, потврдувајќи го пристигнувањето во Москва на пратеникот на папата за мировни преговори.
„Високо ги цениме напорите и иницијативите на Ватикан и го поздравуваме стремежот на Папата да придонесе за крај на вооружениот конфликт“, рече портпаролот Дмитриј Песков на редовниот брифинг.
Тој рече дека советникот на Путин за надворешни работи ќе разговара со пратеникот, кардиналот Матео Зупи, на барање на Путин.
Ватикан во вторникот објави дека Зупи ќе биде во руската престолнина во среда и четврток.
„Целта на оваа иницијатива е да се поттикне чувството за хуманост што може да придонесе за решавање на моменталната трагична ситуација и да најде начини за постигнување праведен мир“, се вели во соопштението на Ватикан.