Кремљ денес предупреди дека на Украина и снемува опции за постигнување договор за прекин на речиси четиригодишната војна со Русија, откако илјадници луѓе во Киев останаа без греење на температури од -12°C по бранот руски напади врз електричната мрежа на земјата, објави АФП.
Москва не се откажува од својата намера да го заземе остатокот од источна Украина додека се приближува кон четвртата годишнина од почетокот на офанзивата – најлошата војна во Европа од Втората светска војна, забележува АФП.
„Ситуацијата за режимот во Киев се влошува секој ден“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите, додавајќи дека „просторот за донесување одлуки“ на Украина се „стеснува“.
Русија ги отфрли западните предлози за прекин на војната и изјави дека е решена да го заземе остатокот од украинската територија што ја смета за руска со сила ако дипломатијата не успее.
„Дојде време (украинскиот лидер Володимир) Зеленски да преземе одговорност и да донесе соодветна одлука“, рече Песков, очигледно повикувајќи го Киев да се согласи со строгите услови на Москва.
Рускиот претседател Владимир Путин побара Киев да се повлече од делови од источна и јужна Украина како предуслов за прекин на огнот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази разочарување од двете страни откако месеците разговори не донесоа пробив во завршувањето на војната.
Украинските, американските и европските преговарачи се согласија за рамковен план од 20 точки за завршување на војната, рече Зеленски – ревизија на предлогот од 28 точки првично изнесен од Вашингтон, кој во голема мера беше во корист на Москва.
Песков рече дека дијалогот со Вашингтон продолжува.
Во исто време, тој не ги потврди извештаите дека Русија се согласила да дозволи распоредување на мировен контингент во Украина, доколку во него се вклучени и воени лица од Кина и земји од таканаречениот глобален Југ.