Кремљ нуди решение за Иран: Moже да се збогатува ураниум на руска територија

Според податоците на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Иран моментално поседува најмалку 400 килограми ураниум збогатен на 60%.

од desk2
10 прегледи

Русија е подготвена да му ги стави на располагање на Иран своите технолошки капацитети за збогатување ураниум до состојба погодна за користење во нуклеарни електрани, порача рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по самитот на БРИКС во Рио де Жанеиро.

Иранските постројки за збогатување ураниум во јуни беа мета на напади од Израел, а во еден наврат и од САД, со гигантски бомби наменети за подземни капацитети. Двете земји го обвинуваат Иран дека сака да развива нуклеарно оружје, а Техеран тоа категорично го отфрла и вели дека неговата нуклеарна програма е од цивилна природа.

Лавров потсети дека Русија поседува одговарачки капацитети за збогатување ураниум и дека „Москва е подготвена да ги стави на располагање, да го транспортира вишокот збогатен ураниум во Русија за преработка и потоа да му врати на Иран енергетски збогатен ураниум за потребите на неговите нуклеарни електрани“.

Во такви електрани, се користи уран збогатен до ниво од 3% до 5% изотопи U-235.

Според податоците на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Иран моментално поседува најмалку 400 килограми ураниум збогатен на 60%. За изработка на нуклеарно оружје потребно е ниво од 90% изотопи U-235.

Сепак, моменталното ниво на збогатување ураниум во Иран далеку ја надминува границата од 3,67% поставена од нуклеарната спогодба од 2015 година. САД еднострано се повлекоа од тој договор во 2018 година, во првиот мандат на Доналд Трамп, по што Иран постепено престануваше да ги исполнува своите обврски.

Според тврдењата на израелските и властите на САД, иранските залихи на ураниум се моментално „отсечени од надворешниот свет“, бидејќи се наоѓаат во нуклеарните постројки Натанз, Фордо и Исфахан, кои беа нападнати со американските супербомби на 22 јуни. Според САД и Израел, сега Иран нема достап до тие залихи, а по расчистувањето на урнатините, би можел да ги поврати.

Слични содржини