Крипто-милијардер не се откажува од биткоинот: „Тоа е иднината на парите“

од Vladimir Zorba
191 прегледи

И покрај масовната распродажба на биткоин што се случи во последните денови, поради која оваа монета ја губи вредноста, извршниот директор на MicroStrategy, Мајкл Сејлор, останува категоричен дека нема да ги продава своите дигитални средства.

MicroStrategy е американска технолошка компанија, фокусирана на софтвер и облак, чиј извршен директор почна да купува биткоини пред нивниот бум. Сејлор е, всушност, еден од крипто-милијардерите.

Неговата стратегија е да биде во крипто-светот на долг рок, а тој за Yahoo Finance Live вели дека „нема целна цена“.

– Очекувам дека засекогаш ќе купуваме биткоин. И очекувам дека ќе оди во милиони. Значи ние сме многу трпеливи. Сметаме дека тоа е иднината на парите – изјави Сејлор, говорејќи пред својата компанија.

Тој додава дека монетата е распродадена со други ризични средства како што се акциите, бидејќи ФЕД почна да ги зголемува каматните стапки, а инвеститорите да продаваат поризични средства или оние чија вредност е зголемена.

Сепак, вели Сејлор, ова се случува одделно од падот на стабилната момета TerraUSD и неговиот сестрински токен Luna, што, според него, ќе ги забрза напорите за регулирање на стабилните и безбедносните токени. „Тоа ќе биде добро за индустријата“, тврди Сејлор.

– Кога луѓето ќе разберат зошто биткоинот е супериорен во однос на сè друго, тогаш институциите ќе дојдат со големи суми на пари, а ние нема да мораме да се мачиме да објаснуваме зошто сме различни од 19.000 други крипто-токени – истакнува Мајкл Сејлор, додавајќи дека бидејќи повеќето криптовалути не се регистрирани како хартија од вредност, ги спречува јавните претпријатија и инвеститорите да инвестираат во нив.

Според „Форбс“, Сејлор во октомври 2020 година открил дека купил 17.732 биткоини по просечна цена помала од 10.000 долари по монета. Според сегашните податоци, биткоинот моментално вреди нешто повеќе од 30.000 долари.

Слични содржини