Крис Хемсворт ќе прави пауза од актерството – имал силна предиспозиција за Алцхајмерова болест

од Vladimir Zorba
357 прегледи

Актерот Крис Хемсворт, кој ја промовира својата нова серија „Limitless“, одлучи да направи пауза од кариерата, откако неодамна откри дека има генетска предиспозиција за развој на Алцхајмерова болест.

Хемсворт (39), кој е најпознат по улогата на суперхеројот Тор во филмовите на Марвел, како и „Rush“, „The Cabin in the Woods“ и „Men in Black: International“, изјави за Vanity Fair дека планира да направи пауза веднаш по завршувањето на промотивната турнеја посветена на документарниот серијал „Limitless“.

Таа серија, во која гледачите го следат Хемсворт додека се изложува на различни физички предизвици и ги открива тајните на здравјето, регенерацијата и долговечноста, значеше дека актерот беше подложен на серија медицински анализи, при што беше откриена и неговата предиспозиција за Алцхајмерова болест.

Неговиот генетски профил вклучува две копии на генот APOE4 – едната наследена од неговиот татко и една наследена од неговата мајка, за кои студиите покажаа дека се поврзани со осум до десет пати поголем ризик за развој на дегенеративната болест, во однос на просечната популација.

„Тоа навистина поттикна нешто во мене што ме натера да посакам да се одморам. Откако го завршивме снимањето на шоуто, направив некои други работи што бев договорно обврзан да ги правам. Сега кога завршив со оваа турнеја, Одам дома и ќе одвојам малку време за да средам сè и да бидам со моите деца и сопругата“, рече актерот.

Хемсворт изјави дека компанијата „Дизни“ му понудила да го скрати моментот од шоуто кога ги добил резултатите од тестовите, но тој сакал да остане.

„Ако ова може да послужи како мотивација за луѓето подобро да се грижат за себе и да разберат дека има чекори што можат да ги преземат, тогаш тоа е фантастично. Само не сакав да манипулирам со тоа и да го драматизирам прекумерно или да го претворам во некој вид на емпатија или што било друго за забава“, рече тој.

Актерот со јавноста сподели и дека на неговиот дедо неодамна му била дијагностицирана Алцхајмерова болест.

„Не сум сигурен колку се сеќава, а од време на време холандскиот, неговиот мајчин јазик, му се измолкнува. Така тој зборува на холандски и англиски, а потоа некоја мешавина во која може да има некои нови зборови“, кажа Хемсворт.

Алцхајмеровата болест е предизвикана од смртта на нервните клетки во церебралниот кортекс, најчесто поради акумулација на протеински фрагменти во просторите надвор и внатре во клетките. Засегнатите лица пред се покажуваат слабеење на интелектуалните способности и социјалните вештини. На самиот почеток најчесто станува збор за заборав и блага конфузија, додека со текот на времето тие целосно почнуваат да ја губат способноста за комуникација, паметење и функционирање.

Сè уште не е пронајден лек, иако одредени лекови покажаа ефикасност во забавување на развојот на некои од симптомите.

Слични содржини