Објавен е трејлер за долгоочекуваниот филм за животот на принцезата Дијана, „Спенсер“, во кој глуми Кристен Стјуарт. Премиерата на филмот е на 3 септември на Венецискиот филмски фестивал.
Филмот зборува за викендот што Дијана го помина во Сандрингам за време на Божиќните празници во 1991 година. Потоа, таа донесе одлука да се разведе од принцот Чарлс.
„Декември 1991 година: Бракот на принцот и принцезата од Велс одамна почна да се распаѓа. Иако постојат гласини за скандали и развод, мора да владее мир за време на празниците. Јадење, пиење и лов. Дијана знае дека наскоро се ќе се смени“, се наведува во синопсисот.
На официјалниот плакат со кој се најавува прикажувањето на филмот во кината од 5 ноември, Стјуарт плаче и носи бел фустан, кој донекаде потсетува на она што го носеше Дијана. Дизајниран е од Дејвид и Елизабет Емануел.
„Спенсер“ го режираше Пабло Ларен, а сценариото го напиша Стивен Најт. Музиката ја направи Џони Гринвуд од групата „Радиохед“.