Поднесени се кривични пријави против три физички лица и правен субјект, поради сомневање дека сториле казнено дело „узурпација на недвижности“ во заштитената зона на брегот на Охридското Езеро.
Станува збор за Н.З.(59) од Охрид, Н.И.(51) од Струга и Р.Б. (47) од Охрид, како и против компанијата „Нефи ИК“ со седиште во Охрид.
Според полицискиот записник, првопријавениот, иако знаел дека неговата катастарска парцела во населбата „Даљан“ во близина на Охридското Езеро, сѐ уште не е запишана во Агенцијата за катастар на недвижности на негово име, со намера да ја прошири парцелата ги ангажирал второ и трето пријавените, вработени во фирмата „Нефи ИК“ и побарал дотур на земја, камен и крупен градежен шут на брегот и во водите на Охридското Езеро.
Тие извршиле дотур на земја и камен со што ја прошириле парцелата на 900 метри квадратни навлегувајќи дури и во водите на Охридското Езеро.
Случајот беше пријавен уште во ноевмри минатата година, кога беше регистрирано и снимено како со тешка механизација се насипува земја и шут во Охридското Езеро, во непосредна близина на новиот комплекс згради и дом за стари лица во изградба кон Извидничкото одморалиште кај Даљан. Уште тогаш на терен излезе инспекција на Општина Охрид и на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои потоа побараа од полицијата да ги пронајде сторителите.