Новата црногорска влада нема да го подготвува буџетот за следната година, така што законската мерка за привремено финансирање ќе важи до март, објави премиерот Здравко Кривокапиќ. „Не можеме да играме според нотите на режимот што го победивме“, рече вицепремиерот Дритан Абазовиќ, додавајќи дека наишле на голем „јавашлук“ и долгови.
Кривокапиќ на прес-конференцијата рече дека се планира сите министерства да достават информации со цел да го обликуваат буџетот, но дека, како што рече, бројни неправилности, неточни податоци и проневери влијаеле на Владата да се откаже од предлог-буџетот.
Новиот буџет ќе биде готов до март следната година и ќе се заснова на јасно дефинирана владина програма и политика, како и реорганизација што е природна и е во согласност со новата регулатива.
„Ние сакаме да имаме почетна ситуација направена од некој што е непристрасен. Со цел да се обезбеди тоа, започнавме одреден пакет чекори“, рече тој и додаде дека одлуката на владата не е политичка, туку дека станува збор за грижа за граѓаните.
„Оваа одлука нема да влијае на сервисирање на платите и пензиите“, рече Кривокапиќ, пренесе РТЦГ.
Вицепремиерот Дритан Абазовиќ потсети дека владата е изгласана на 4 декември и дека сега не можат да го предложат буџетот на ДПС.
„Не можеме да работиме според нотите на режимот што го победивме. Затоа решивме да одиме со мерка привремено финансирање, а до март ќе го предложиме буџетот на оваа влада, со развојни проекти за кои сметаме дека се приоритет“, изјави Абазовиќ.
„Обезбедивме пари за следната година. Ние дури мислиме дека обезбедивме пари за 2022 година. Имаме голема поддршка од меѓународните финансиски институции и Европската комисија“, рече Абазовиќ.
Министерот за финансии и социјална помош, Милојко Спајиќ, објави дека тие не се влада на континуитет и дека буџетот не смее да биде „буџет на континуитет“.