Зголемувањето на цените на енергенсите се заканува да доведе до бран затворања во холандскиот пекарски сектор, предупредија денеска тамошните индустриски лоби, а некои бизнисмени велат дека трошоците се зголемиле и до десет пати.
Холандската статистика покажува дека инфлацијата достигна 12 отсто во август и главно е предизвикана од скокот на цените на гасот и електричната енергија од 151 отсто на годишно ниво, пренесува Ројтерс.
– Од многу претприемачи слушам дека ако ова трае многу подолго, ќе мора да ја затворат продавницата – рече Мари-Хелен Зенгеринк, генерална директорка на Холандското здружение на пекари за леб и колачи, во кое членуваат 1.600 пекари.
Таа додава дека енергетските договори за многу пекари се истечени или треба да истечат годинава, а сметките за струја понекогаш скокаат од 3.000 евра месечно на 30.000 евра.
– Тоа не е трошок што можете да го префрлите на купувачите на леб – вели Зенгеринк.
Здружението денеска објави оглас на цела страница во еден холандски дневен весник, повикувајќи ја владата да преземе нешто за вртоглавото зголемување на трошоците за енергија.
Ројтерс наведува дека владите ширум Европа „протуркале“ пакети од повеќе милијарди евра за да ги заштитат бизнисите и домаќинствата по порастот на цените на електричната енергија.