Дојче веле – Бон
Нова криза во Дојче Банка во Франкфурт на Мајна. Ако продолжи вака, наскоро германските даночни обврзници ќе мора да спасуваат уште една голема банка, смета Хенкрик Бум.

„Би се срамел ако во кризата прифатам државни пари”. Така во ноември 2008 година, зборуваше Јозеф Акерман, тогашен шеф на Управата на најголемата германска банка. И тоа во екот на големата финансиска криза која го потресе целиот свет, а посебно банките.
Денес знаеме дека таа помош на Дојче Банка и не беше потребна.
Таа банка тогаш заработуваше многу добро и тоа со помош на гигантски трикови во работењето. Глупаво е само тоа што Дојче Банка (DB) се до денес мора да се носи со последиците од тие трикови, камуфлажи и измами. Банката беше (или уште) е замешана во околу 7.800 правни спорови во целиот свет. Мораше да плати казни или отштети во милионски, па и износи во милијарди. Тоа се пари кои беа потребни за единствената германска финансиска институција со меѓународно реноме сега да се подготви за иднината.
Наскоро статус „ѓубре”
Всушност ова со реномето веќе и не е точно. Вредноста на курсот на акциите од 2009 година падна за цели 90 отсто и моментално се движи некаде околу 10 евра, што е најмалку во историјата. Пресметано тоа значи дека банката е вредна нешто над 14 милијарди евра. Во глобалната споредба Дојче Банка со тоа го зазема дури 78 место, се наоѓа во друштво на банките од Малезија и Бразил. Акциите на Дојче Банка неодамна се исфрлени од берзанскиот индекс Еуро Стокс 50, поради падот на вредноста. Дојче Банка денес е поволна прилика за купување од странски инвеститори! Но, секако дека никој не сака да ја купи. Бидејќи во билансите се кријат обврзниците и други вредносни хартии со вкупна вредност од 1,7 билиони евра.
Тешко е и да се замисли што би се случило ако оваа банка колабира. Последица би била нова светска финансиска криза. Дојче Банка е дел од глобалниот финансиски систем. И тоа високоризичен дел. Кој Меѓународниот монетарен фонд своевремено го нарекуваше „најголема закана” за тој ист систем. ДБ е на листа на 30 банки кои се релевантни за опстанок на целиот систем, тоа се значи Институции кои во случај на сопствен слом можат да предизвикаат и пад на целиот систем како кула од карти. Како тогаш инвеститорите да инвестираат во ДБ?
Убиствени барања од САД
Посебно ако го земеме предвид фактот дека се уште не се решени големи проблеми од минатото. Тука се уште и неразјаснети забелешки за перењето на пари во Русија. Тука потенцијално се работи за милијардски казни. А на маса е и 14 милијарди „тешко” барање од американското Министерство за правда за плаќање на отштета, тука се работи за гревови уште од пред избивањето на финансиската криза.
Сега секако може да се шпекулира дали тие 14 милијарди „одмазда” за европските барања упатени на Епл за плаќање на данок – од прилика во ист износ. (Што е веројатно чиста бесмислица). Но, тука тезата не може туку така да се игнорира: токму Американците со хипотекарните кредити прво го надуваа огромниот балон од сапуница. Потоа разликите се спакуваа во згодно пакување и се „наметнаа” на странските банки. (ОК, тие не мораа да ги купуваат). И сега на сцена стапуваат Американците и ја наплатуваат отштетата. И тоа кај домашните и кај странските банки. (Да, да, светот е лош!).
И на крај даночните обврзници?
Без оглед на тоа што се тука е вистина и колку ДБ на крај навистина ќе мора да плати на Американците: 14 милијарди долари Дојче Банка не може да плати. На инвеститорите не им се допаѓа идејата да се зголеми основниот капитал, т.е. емисија на нови акции, бидејќи во тој случај дополнително би паднала вредноста. И тоа не би се исплатело, бидејќи, кој воопшто ќе сака да купи акции од таа банка? Шпекулативни хартии, ништо повеќе.
Така целиот овој микс на околности доведува до тоа одеднаш повторно да почне да се размислува за „злокобната” идеја, имено за државна помош. Секако дека двете страни и ДБ и Сојузната влада итно се потрудија да ги демантираат тие гласини и да ги означат за шпекулации. Но, целата работа не е толку едноставна: секако дека банката може да се одвои од својот инвестициски сектор. И така може да се собере некоја пара. Но, една работа е апсолутно сигурна. Ако Дојче Банка навистина се најде во големи проблеми, може да се појде од тоа дека на крај банката ќе мора да ја спасуваат даночните обврзници. И тоа без оглед на тоа што владите во светот, а пред сите Ангела Меркел, порано го ветија: а ветија дека даночните обврзници никогаш повеќе не ќе мора да спасуваат некоја банка. Глупост!