Кризата со горивото почнува да се подобрува, вели Борис Џонсон

од Nikola Popovski

Ситуацијата со горивото во Велика Британија почнува да се подобрува, рече синоќа премиерот Борис Џонсон, апелирајќи до возачите да ги наполнат резервоарите на вообичаен начин.

Тој рече дека ситуацијата на бензинските пумпи се стабилизира и дека луѓето треба да се чувствуваат безбедно, по неколкудневниот недостаток и затворањето на бензинските пумпи.

Министерот за одбрана Бен Валас го одобри барањето 150 воени возачи за да помогнат во испораката на гориво, објави Би-Би-Си.

Обуката на возачи за употреба на цистерни на приватни компании ќе се одржи во наредните три дена, така што првите испораки се очекуваат кон крајот на неделата, пренесува Танјуг.

Приоритет во добивањето гориво ќе имаат здравствените и социјалните работници.

Џонсон истакна дека сочувствува со луѓето кои не биле во можност да набават гориво претходните денови, нарекувајќи го проблемот фрустрирачки.

„Она што го слушаме од индустријата за гориво е дека ситуацијата на бензинските пумпи се стабилизира. Апелирам до секој да ја работи својата работа на вообичаен начин и да ги наполни резервоарите кога ќе има потреба“, додаде Џонсон.

Владин извор ги потврди извештаите дека 16 проценти од сите бензински пумпи во земјата се целосно наполнети со гориво, во споредба со 10 проценти за време на викендот.

Слични содржини