Кризниот штаб на Град Скопје: Да се преземат итни мерки за расчистување на штетните материјали кај „Треска“

од Nikola Popovski
272 прегледи

Денеска се одржал состанок на Кризниот штаб на Град Скопје, со кој раководи градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со учество на командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески, директори на јавните претпријатија и членови на кризниот штаб.

На состанокот се разговарало за преземање на мерки за превенција од пожари, по случајот со пожарот во поранешната фабрика Треска, во скопската општина Центар.

Се донеле заклучоци, меѓу кои и потребата ресорно надлежните институции да преземат итни мерки за расчистување и отстранување на запаливите материјали како и штетниот отпад од поранешната фабрика Треска кој може да го загади воздухот и почвата и воопшто животната средина на жителите кој живеат на тој потег, со што надлежните би можеле да ја отстранат опасноста од загадување и од повторување на пожари. На терен при гасењето на пожарот, пожарникарите кои интервенираа беа изложени на ризик и опасност, како и околните куќи кои ги делеше само еден ѕид од пожарот. На самото место не само што постоеле извесни запаливи материјали во магацините, има и цистерна со обем од 20 илјади литри на нафтени деривати и истата е огромна опасност која ја доведува во прашање безбедноста на граѓаните.

Градот Скопје ги ставил на располагање своите капацитети за помош во расчистувањето на штетните материјали, доколку надлежните институции утврдат потреба од истото, а воедно за подобра и навремена подготвеност на службите за интервенција, бил донесен заклучок да се побара информација за база на податоци од Дирекција за заштита и спасување, за мапирање потенцијални ризични места во градот каде постојат цистерни или магацини со запаливи или ризични материјали, со цел брза и навремена интервенција за заштита од можни хаварии и инциденти предизвикани од пожар.

Слични содржини