Крводарителска акција по повод Светскиот ден на слободата на медиуми во организација на ССНМ и ЗНМ

од Vladimir Zorba
202 прегледи

По повод 3-ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, ССНМ и ЗНМ организираа крводарителската акција во која учествуваа новинари, медиумски работници, но и граѓани кои сакаа да се дел од овој хуманитарен настан. Во рамки на донаторскиот потфат на новинарските организации кој, денеска го поддржаа 32 колеги кои донираа крв за своите сограѓани беше организирана и прес конференција на која свои обраќања имаа Павле Беловски, претседател на ССНМ, Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ и Дејвид Гир, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, а пред присутните говореа и колегата Тони Михаилов, регионален координатор на ЗНМ и Сузана Тунева – Пауновска, Секретар на Црвениот крст.

Слободата на медиумите како двигател на човековите права е овогодишниот слоган на УНЕСКО за 3-ти мај. Според Меѓународната федерација на новинари слободата на медиумите назадува и не е двигател на човековите права како што би требало, бидејќи постојано се вршат напади врз медиумите и слободата на изразување.

Првиот човек на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници Павле Беловски истакна дека борбата продолжува, затоа што: „Социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници и покрај економската криза која го зафати светот речиси и да не се подобрува. Повеќе од две третини од медиумските работници земаат потпросечна или просечна плата, во голем дел од медиумите не се почитуваат дури и основните работнички права, како правото на годишен одмор, или прекувремена работа и слично. Најголем проблем, пак, претставува прекаријатот, бидејќи на огромен дел од колегите работните позиции не им се сигурни, работат со договори на определено, или договори на дело без социјално и пензиско осигурување”.

“Денеска уживаме повеќе слобода на говор отколку пред десетина години и затоа Репортери без граници ја крева Македонија на високата 38 позиција оваа година, но нашата слобода е сè уште ограничена зошто малиот пазар остава малку простор за независно новинарство, со што дел од медиумите се потпираат на политички или деловни интереси. ЗНМ даде силен придонес кон подобрување на перцепциите на државата за слободата на изразување пред се преку инсистирањето на нови законски решенија со кои се подобрува безбедноста на новинарите но и преку дополнителна мобилизација на полицијата, обвинителството и судовите. Но ова не е доволно и секогаш постои простор за дополнително подобрување на состојбата и затоа продолжуваме понатаму”, истакна Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија.

На настанот се обрати и Амбасадорот Дејвид Гир кој порача дека ЕУ е долгогодишен и силен поддржувач на слободата на изразување и улогата на медиумите. Тој потсети дека Европската комисија неодамна иницираше дијалог за тоа како да се зајакне заштитата преку новиот нацрт европски акт за слобода на медиумите. “Надворешно, нашата поддршка вклучува употреба на политички дијалог и експертска помош за зајакнување на заштитата содржана во локалното законодавство и институциите поврзани со работата на медиумите“, укажа Гир.

Регионалниот координатор на ЗНМ Тони Михаилов, во име на локалните медиуми предупреди дека доколку веднаш не се преземат мерки за поддршка на овие медиуми од страна на креаторите на политиките, Македонија ризикува да има само една вистина која ќе доаѓа од централно ниво.

Секретарот на Црвен крст, Сузана Тунева Пауновска, се заблагодари на соработката со новинарите и медиумските работници и го поздрави овој хуман гест како добар пример на солидарност. Хуманата акција на ССНМ и ЗНМ денеска ја поддржаа 32 новинари и медиумски работници од земјава кои донираа крв за своите сограѓани.

Слични содржини