Кржаловски: Барањето за членство на Украина во ЕУ е очаен чекор, не верувам дека ќе влијае на одлуките во Русија

од Маја Анчевска
424 прегледи

Итен прием во ЕУ немало, а и нема да има, иако имало слични вакви обиди, ако не се лажам токму и од нас, од Македонија.   Да, имало политички одлуки за почеток на преговори во ЕУ кога Европската комисија препорачала да не бидат почнати, зошто не се исполнети критериумите, т.е. земјата не е подготвена, кога бевме попречени од Грција и слична, односно обратна одлука – да нема почеток на преговорите, дури и кога ЕК утврдила дека критериумите се исполнети за Македонија, уште од 2009 година, вели во разговор за „Локално“, аналичарот Александар Кржаловски.

Не е можно да се направи исклучок со Украина бидејќи , како што твдри  Кржаловски, членството во ЕУ  не е едноставна рабатa, а тоа и ние добро го знаеме. Од друга страна според него тоа не би било фер кон другите земји-кандидатки како што се С. Македонија и Албанија.

-И самото барање е несериозно, да не го наречам – очаен чекор, без изгледи и воопшто да биде разгледано во догледно време, а уште помалку да биде постапено по него, а и тогаш ќе биде во рамките на воспоставената процедура, односно ќе биде информирана Украина за постапката и потребните чекори за тоа.  Меѓу другото, тоа ќе содржи и информација за критериумите за членство, од кои Украина многу не исполнува, меѓу другото и тој за сувереноста, односно ефективна контрола на својата територија.Можеби има вакви желби и кај некои политичари од ЕУ, па и од цели земји, но сметам дека ова прашање нема да го помине ни прагот на стручна расправа во Европската комисија, а уште помалку да биде предмет на политичко одлучување. И на крајот и  по некое чудо да се случи тоа – не верувам дека тоа ќе влијае на развојот на настаните и одлуките во Русија.Секако дека не би било фер, но како што реков, сметам дека нема никакви шанси да се оствари, твдри Александар Кржаловски.

Според експертот, иако  ние сме отрпнати од лажни ветувања и празни надежи, овој потег на Украина, а уште повеќе и потегот на Русија навистина да започне војна, всушност навистина може да донесе друга, забрзана динамика во однос на нашето пристапување кон ЕУ.

– Мислам дека откако ќе помине првиов бран случувања во Украина, а и зависно од развојот на ситуацијата таму, дали понатамошна ескалација или смирување на ситуацијата и преговори за мирно решение, ќе почне да расте притисокот кон Бугарија, како од ЕУ, така и од САД. Иако некаков притисок имаше и досега, видовме дека тој не беше ефективен, но сметам дека интензитетот овој пат ќе биде несразмерно поголем и Бугарија тешко ќе ја одржи својата позиција за блокирање на преговорите со Македонија. Дали ќе е доволен ќе се покаже во јуни, кога ќе има уште еден судбоносен Самит на ЕУ за датумот на почеток на преговорите, потенцира Кржаловски во однос преговорите на С.Македонија со ЕУ.

Според Кржаловски, Украина  недоволно одблиску го следела однесувањето на ЕУ кон Македонија и многуте изневерени очекувања и неисполнети ветувања. Или пак, недоволно добро ги читала и разбирала пораките од вештите политичари и дипломати од ЕУ, како што веројатно и ние, со тоа што досега ние поднаучивме, а Украинците допрва ќе учат или научат.

– Можам да замислам како релативно неискусниот претседател Зеленски ги доживувал и разбирал зборовите на ЕУ и САД, функционерите, вклучително и претседателите, кога кажувале дека целосно ја поддржуваат Украина и уште поцелосно стојат зад неа и дека ќе помогнат со се што можат и како остана во шок кога разбра дека тоа не вклучува и воено дејство во случај на Руски напад.Сепак, оваа инвазија беше релативен шок и за цела Европа и доведе до неколку преседани, од директно праќање и на воена помош од некои земји на ЕУ, преку најостри досега економски мерки и санкции, до историската одлука на Германија – прв пат по Втората светска војна да одобри испорака на оружје за Украина. Сепак, нема да има воена интервенција од НАТО се додека Русија не нападне некоја земја членка, а тоа нема да се случи, ниту испраќање на воени единици, но и самата директна воена помош е преседан ако навистина и се реализира, вели аналитичарот Кржаловски.

Во однос на тоа дали  Русија ќе се обиде да нападне земја-членка на ЕУ, пример балтичките земји кои се дел од Унијата и дали тоа може да се одрази целосно на европската безбедност, Кржаловски е дециден дека не е можно затоа што тоа би била објава на војна на НАТО, а Русија на чело со Путин тоа нема да го направи. Целта на Русија е да покаже сила и откажување на Украина од членство во НАТО.

– Сметам дека и овој напад на Украина нема никаква намера за освојување или окупација на цела Украина, па дури ни за промена на режимот таму, иако тоа би бил посакуван исход за нив, туку да демонстрира сила за да се земат сериозно предвид нивните барања за прифаќање на анексијата на Крим како завршена работа (според нив – како на примерот со Косово), евентуално и на т.н. „независни републики Доњецк и Луганск“ или и нешто поголема, новоосвоена територија од тоа, зависно во која фаза конфликтот ќе се запре со „мировен договор“,  како и со обврзување за неутралност и демилитаризација на Украина и откажување од амбицијата за членство во НАТО, вели Кржаловски.

Според аналитичарот, овој конфликт битно, а можеби и судбоносно ќе се одрази на европската безбедност, а на тест е еден од клучните принципи воведени на крајот на Втората светска војна, за неменливост на границите.

– Прво, се надевам дека директните преговори кои започнаа вчера на  28.02, ќе продолжат и ќе се интензивираат деновиве и наскоро ќе завршат со договор, кој ако ништо друго ќе ги прекине воените дејства и страдањето на сите вклучени во нив и војниците на двете страни и цивилите.Второ, кое и да биде решението, секако нема да ги задоволи сите страни ,барем не подеднакво и што и да се одлучи ќе тлее латентен конфликт и незадоволство кај многу луѓе и во Украина и во Русија и во засегнатите области и надвор од нив, но и подалеку од нив, па и во цела Европа. Тоа може да биде основа за понатамошни конфликти. Впрочем и за претходната ситуација, анексијата на Крим во 2014 година, имаше мировни преговори и договор од Минск, кој Украина го прифати и потпиша, но до ден денес вели дека било под уцена и принуда и „со пиштол на чело“, како оправдување да не го спроведува, што веројатно доведе и до оваа ситуација сега.Впрочем, ние самите си знаеме под какви се уцени и притисоци ги прифативме и потпишавме разните „мировни и добрососедски договори“, од „привремената спогодба“ од 1995 година со Грција, преку Охридскиот рамковен договор, до договорот за добрососедство со Бугарија и Преспански договор со Грција. Но, одлучивме да ги почитуваме и спроведуваме, барем Владите тоа го правеа, првенствено за да има мир, а потоа и со надеж за просперитет. Но, времето ќе покаже дали и колку сето тоа било оправдано и добро, објаснува аналитичарот.

Тој појаснува дека неменливоста на границите е еден примарен принцип на сувереноста на државите и нивните признати територии кои досега се почитувал иако имало обиди и во самите ЕУ земји за сецесии како со Каталонија и Баскија во Шпанија, Северна Ирска во Велика Британија и други помалку познати случаи, како областите Абхазија и Осетија во Грузија, под контрола на Русија.

-И можеби е сега пресвртницата – дали и понатаму ќе се почитува тој принцип или ќе се одлучи дека е време за прекројување на границите, што ќе отвори и нови конфликти кои засега се замрзнати, како на пример Република Српска во Босна и Херцеговина. До тогаш ќе продолжат и меѓусебните обвинувања на големите сили за тоа, што би рекол Дејан Дуковски, „ММЕ кој прв почна?“. За Русите тоа е НАТО со случајот на Косово, не со самиот напад над Србија, иако и тоа го сметаат за преседан и го цитираат како прва војна на Европско тло од 1945 година, па на наваму, како одговор на обвинувањата дека токму тие ја започнуваат првата војна во Европа по Втората светска војна, туку со признавањето на прогласената независност на Косово. За ЕУ и НАТО тоа е Руската накесија на Крим и сега неоправданата и непредизвиканата инвазија на Украина, смета Александар Кржаловски.

M.A.