КСОМ најавува протести: Преку нотарски изјави се спречува формирање на синдикални организации

од Илинка Илиоска
12 прегледи

Конфедерацијата на синдикалните организации во Македонија (КСОМ) истакнува дека во последно време има сериозни прекршувања на законите од страна на сопственици на компании во однос на правото на работниците за синдикално организирање, како и зголемен притисок од страна на директорите врз работниците преку институции, насочен кон гасење на синдикалните организации од кои дел се од КСОМ. Доколку продолжи притисокот најавуваат протести пред седиштата на компаниите кои тоа го прават и се надеваат на поддршка и од останатите синдикати.

Ваков притисок врз работниците, како што велат, има во повеќе градови, а некаде дури и ги тераат преку нотарска изјава да потврдат дека не сакале да формираат синдикат. Притисок да не се формираат синдикални организации, како што посочуваат, досега вршеле повеќе од 40 работодавачи, најчесто од градежниот сектор и оние кои управуваат со минералните суровини.

– Одредени работодавачи, особено во приватниот сектор, синхронизирано и организирано без да бираат средства вршат големи притисоци врз работниците за да не се организираат синдикално, дури и во некои компании каде ние имаме свој синдикат. Тоа го прават преку разни комисии кои даваат приговори на Првостепена, а потоа и на Второстепена комисија за да дојде до згаснување на синдикатите, а на крај дури и до Управен суд. Додека Управниот суд донесе одлука може да потрае и до три години, а во тој период не смее да се формира нова синдикална организација. На следниот состанок на Економско-социјалниот совет ќе побараме помош за тоа и од премиерот – истакна претседателот на КСОМ, Марјан Ристески на денешната прес-конференција и праша што им пречи на работодавачите ако работниците се синдикално организирани и ги бараат своите права

Слични содржини