КСС: Демантираме поврзаност на протестот со било која од политичките партии

од Маја Анчевска

Демантираме поврзаност на протестот на КСС со било која од политичките партии, велат за „Локално“ од Конфедерација на слободни синдикати на Македонија, откако се појави вајбер комуникација, наводно испратена од претседателот на МК Мичурин од партијата ВМРО-ДПМНЕ, со која ги повикува вработените да дадат поддршка со присуство на денешниот протест на КСС.

– Сите поддршки кои ги побаравме и кои ги добивме се јавно објавени на веб сајтот на КСС и официјалната страна на Фејсбук, но ниту една не е од политичка партија. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија има објавено јавен апел до сите кои сакаат да се приклучат на протестот на КСС и дел од гранските синдикати при КСС, како на одржаните прес конференции на КСС, на официјалната Фејсбук страна, така и на дебатни емиси и сл, велат од КСС.

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС)  денеска во 15.30 часот ќе излезе на протест пред Собранието, изразувајќи незадоволство што досега не е направено усогласување на останатите плати со миниминалната плата во јавниот сектор.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи по состанокот во Владата кој се одржа пред една недела, изјави дека дијалогот меѓу синдикатите и ресорните министерства треба да продолжи на ниво на секое министерство, јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост и доколку е потребно да се отворат колективните договори и да се види дали има можност за усогласување на платите. Битиќи посочи дека кај репрезентативните синдикати има слух, дека државата поминува низ тешки кризи, што значи дека не може веднаш да има решенија.

М.А.

Слични содржини