Пратениците да го усвојат амандманот за помош на најсиромашните работници во приватниот сектор, велат од Конфедерацијита на слободни синдикати на Македонија (КСС).
Тие денеска повторно се обратиле до сите пратеници во Собранието со цел, како што соопштија, прифаќање на амандманот кој што го поднеле преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а со којшто би се помогнало и на најсиромашните работници во приватниот сектор.
Конфедерацијата бара на сите работници во приватниот сектор кои се со плати од 18.000 до 21.000 да им се исплати парична помош од три пати по 3.000 денари, а тие со плати од 21.000 до 24.000 да добијат исто така парична помош три пати по 2.000 денари. За да се реализира тоа, како што информираат, се потребни милијарда денари од ребалансот на Буџетот.
Апелираат до пратениците, како што велат, да соберат сила и да покажат кон разбирање за состојбата во која што се наоѓа македонскиот работник и овој амандман да биде усвоен во Собранието. Најавуваат дека тој што ќе гласа против овој амандман ќе го сметаат за непријател на работниците.
Од КСС во соопштение велат дека во изминатиот период имале голем број активности во делот на исполнување на законските обврски и усогласувањето на платите на сите работници согласно покачувањето на минималната плата и Законот за минимална плата. Сведоци сме, наведуваат од Конфедерацијата, дека имаме многу малку почитување на законите така што работниците во овој период на голема инфлација, зголемени основни животни трошоци, проследени преку економска и енергетска криза која што ја тресе нашата држава, голем број од нив останаа со плати на исто рамниште, а не се во можност да ги сервисираат своите основни животни трошоци.
-КСС го подржува амандманот за линерано покачување на платите во јавниот сектор за да се ублажат ценовните шокови кои што се на грбот на работникот но исто така мислејќи на сите работници во државата предложивме, а пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ прифати да предложи амандман со што би се помогнало и на најсиромашните работници во приватниот сектор. Нашето барање е на сите работници во приватниот сектор кои што се плати од 18.000 до 21.000 да им се исплати парична помош од три пати по 3.000 денари и на оние со плати од 21.000 до 24.000 да се исплати парична помош од три пати по 2.000 денари за кои се потребни да се издвојат една милијарда денари од ребаланс на Буџетот, а целта е и овие работници да можат поспремни да ја дочекаат тешката зима која што ја најавува власта, наведува КСС во соопштение.
Денеска, дополнуваат, ги потсетивме повторно сите пратеници но еве и јавно апелираме до сите нив да соберат сила и да покажат кон разбирање за состојбата во која што се наоѓа македонскиот работник и овој амандман да биде усвоен во Собранието.
Напоменуваме дека доколку кој било од пратениците е против овој амандман и гласа за негово отфрлување, КСС истите тие пратеници ќе ги смета како „непријатели“ на работниците, порачуваат од КСС.