КСЗД: Бендевска изложена на говор на омраза и закани за ликвидација од Софија

од Берта Китинска
186 прегледи

Најостра реакција за говорот на омраза кој содржи закани за физичка ликвидација на Весна Бендевска, извршено на двата профила на лицето Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата Македонија од Софија, на социјалната мрежа Фејсбук, изрази денеска Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

-Тоа не само што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД, кој е избран државен функционер, туку претставува и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост, се наведува во реакцијата.

Како што соопштуваат од КСЗД, во неговите објави поставена е фотографија од Бендевска со навредувачка, но и поттикнувачка содржина за нејзина ликвидација. Во коментарите предизвикани од објавата се издвојуваат и повеќе заканувачки содржини.

– За ова, КСЗД го извести МНР, односно Тематската подгрупа за говор на омраза која е во рамки на Меѓуресорската работна група за политичка координација за спроведување на мерките од протоколот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, формирана со одлука на Владата и очекува соодветна институционална реакција, наведуваат од КСЗД..

Ваквите објави, за кои Комисијата смета дека не само што спаѓаат во говор на омраза што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД, туку претставува и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост, посочуваат од таму, следеа по прес – конференцијата, во која беа објавени Мислењето и препораките по однос на претставката поднесена од „Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941 – 1945 година и граѓаните продолжувачи – Општински одбор – Битола“, против Здружението „Културен центар Иван Михајлов – Битола“, одржана во петокот, наведуваат од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација неодамна утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола. КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот. Здружението Културен центар „Иван Михајлов“, воедно, е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување, утврди во петокот Комисијата и препорача до Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации.

Слични содржини