Куба развива пет кандидати за вакцина против коронавирусот, од кои „Соберана 02“ влезе во третата фаза на клинички испитувања на почетокот на март, изјавил денеска кубанскиот амбасадор во Белград, Густаво Триста дел Тодо.
Тој соопштил дека третата фаза од истражувањето започнала на 3 март, на примерок од 44.000 жители од осум општини во Хавана, и дека ќе трае три месеци, а доколку резултатите од ефикасноста бидат соодветни, вакцината ќе влезе во масовно производство.
Дел Тодо изразил очекување дека Куба ќе ги вакцинира сите свои 11 милиони жители до крајот на годината.
Покрај Соберана 02, уште четири верзии се во различни фази на истражување: Соберана 01, Абдела и Мамбиса и Соберана Плус.
Во втората фаза од истражувањето, Соберана 02 покажала висока ефикасност и максимална безбедност, рекол амбасадорот.
„Во никој случај не се покажаа сериозни штетни ефекти. Несаканите реакции беа минимални: лесна болка на местото на инјектирање во првите 24 часа и мала ослабеност кај некои учесници во студијата. Нема случаи на посериозни последици, како што се висока температура и омалаксанот, што би ги ограничиле активностите на луѓето“, рече Дел Тодо.
Тој истакнал дека кубанскиот институт за вакцинација Финлеј во февруари потпишал договор за соработка со иранскиот институт за вакцини Пастер и дека Јамајка и некои други земји се заинтересирани за соработка.
Куба е една од најуспешните за време на пандемијата: Од 11 милиони жители, инфекцијата е регистрирана кај 57.607, од кои 52.593 закрепнати. Има активни 4.606 случаи, а вкупно починале 352 лица.