Збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, во издание на „Антолог“ е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело, додека „Посвети и пофалби“ од Иван Џапароски, во издание на „Дијалог“ е добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка во 2024 година, информираше денеска на прес-конференција претседателот на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Живко Грозданоски.
За наградата „Стале Попов“ за 2024 година, на конкурсот пристигнале вкупно 11 дела од членовите на ДПМ. Одлуката ја донела жири комисијата во состав на претседателката Лилјана Пандева и членовите Петар Андоновски и Блаже Миневски.
За наградата „Ацо Шопов“ на конкурсот на ДПМ аплицирале вкупно 16 дела. За награденото дело одлучила жири комисијата во состав на претседателката Катица Ќулавкова и членовите Гордана Михаилова Боштакоска и Влада Урошевиќ.
Како што информираше Грозданоски, наградата „Ванчо Николески“ за најдобро дело за деца и млади ја доби книгата „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски, во издание на „Светулка“.
На повикот на ДПМ за оваа награда се одзвале вкупно десет наслови, а одлучила жири комисијата во состав на претседателката Билјана С. Црвенковска и членовите Мито Спасевски и Александра Велинова.
Четвртата награда „Димитар Митрев“ за најдобро дело критика или есеистика, конкурирале вкупно девет наслови, а добитник на наградата е „Книжевни паметници“ од Наташа Аврамовска во издание на Институтот за македонска литература. Одлука донела жири комисијата во состав на претседателката Лидија Капушеска Дракулеска и членовите Санде Стојчевски и Дејан Трајкоски.
Добитник на наградата „Мост“ за најдобро дело објавено од член на ДПМ на некој од јазиците што го зборуваат националностите во Македонија е „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“) од Гордана Јовиќ Стојковска, во издание на „Слово љубве“.
За оваа награда конкурирале вкупно три дела, а одлучила жири комисијата во состав на претседателката Сеида Бегановиќ и членовите Тихомир Јанчовски и Лејла Шериф Емин.
Доделувањето на наградите ќе се одржи задутре во 12 часот.