Руската новинарка Марина Овсијаникова, која се прослави со прекинувањето на програмата на руската продржавна телевизија во март, додека носеше транспарент против офанзивата во Украина, е ставена во домашен притвор.
Рускиот суд објави дека на Марина Овсијаникова и е одреден домашен притвор до 9 октомври.
Новинарката беше уапсена во средата поради „дискредитација“ на армијата и ѝ се заканува затворска казна до десет години.
Новинарката од крајот на јули двапати е осудена на парични казни за „дискредитација“ на руската армија, поради нејзините пораки на социјалните мрежи во кои ја критикува офанзивата во Украина.
Новинарката стана позната во средината на март кога упадна среде вести на рускиот телевизиски „Први канал“ со транспарент со кој се осудува руската инвазија на Украина и пропагандата на медиумите под контрола на руските власти.
Нејзиниот гест беше поздравен од многумина, но не и сите во руската опозиција. Некои сè уште ѝ замеруваат за годините што ги помина работејќи за „Први канал“, кој важи за „портпарол на Кремљ“.