Кулеба: „Да беше Украина членка на НАТО, оваа војна немаше да се случи“

од Vladimir Zorba
298 прегледи

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во неделата изјави дека стратешка грешка e тоа што Германија и Франција се спротивставија на приклучувањето на Украина во НАТО во 2008 година.

Сега, според него, неговата земја плаќа за таа грешка. „Да бевме членка на НАТО, оваа војна немаше да се случи“, изјави тој за NBC во емисијата „Meet The Press“.

Кулеба, исто така, ја обвини Германија дека не ја поддржува неговата земја бидејќи се уште размислува во категориите одбрана и офанзивно оружје кога станува збор за воената опрема.

„Да не изгубевме многу време во дискусиите за прашањето за одбранбено наспроти офанзивно оружје и за тоа што и треба и што не и треба на Украина, сега ќе бевме во друга позиција, во посилна позиција“, рече тој.

Украинскиот министер за надворешни работи нагласи дека неговата земја предлага „фер договор“ на НАТО и на Западот.

„Дајте ни се што ни треба. И ние ќе се бориме за да не треба да влегувате во борбата кога (рускиот претседател Владимир) Путин ќе одлучи да го тестира членот 5 од Северноатлантскиот договор“, рече Кулеба.

Тој зборуваше за напис во кој се вели дека напад врз која било членка на НАТО е напад врз сите. Бидејќи Украина не е членка на НАТО, не може да бара помош според тој член.

Кулеба рече дека Украинците знаат како да се борат, но дека им треба оружје за да се борат против руските сили.

Слични содржини