Кулеба: Ужасот во Мариупол е многу полош од Буча

од Nikola Popovski
235 прегледи

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, изјави дека „ужасите видени во Буча се само врв на ледениот брег на воените злосторства извршени од руските сили“.

„Можам да ви кажам, без претерување и со голема тага, дека ситуацијата во Мариупол е многу полоша“, рече Кулеба, пренесува Би-би-си.

Кулеба ја даде изјавата на прес-конференција во Варшава, додавајќи дека „ужасите на Буча, Мариупол и други места“ бараат „сериозни санкции на Г7 и ЕУ.“ Зборувајќи со британската колешка Лиз Трус, Кулеба повика на воведување „санкции за Русија, истовремено барајќи и протерување на Русија од Советот за човекови права на ОН.

„Западот продолжува да ја поттикнува [руската воена машина] плаќајќи за фосилни горива, трговијата што сè уште се одвива меѓу Русија и западните земји, финансиските трансакции извршени преку руски банки кои сè уште не се исклучени од СВИФТ“, рече тој.

Обраќајќи им се на министрите за надворешни работи кои ќе присуствуваат на состаноците на НАТО, ЕУ и Г7 оваа недела, Кулеба рече: „Ако имате сомнежи, неподготвеност или аргументи за потребата да продолжите да соработувате со Русија, прво одете во Буча, а потоа разговарајте со мене“.

 

Слични содржини