Седумдесетгодишниот возач М.П. кој удри во пешаци во Куманово, од кои едниот почина, бил пијан, утврди кумановското обвинителство.
-За време на увидот на самото место, дежурниот јавен обвинител презеде дејствија во насока на утврдување на причините за сообраќајната несреќа. Повикано е вешто лице од областа на сообраќајот да присуствува на увидот на лице место, издадена е наредба за проверка на количина на алкохол во крв и урина на осомничениот и на двајцата оштетени со задобиени телесни повреди. Извршено е алкотестирање со помош на алкомер “Дрегер” на возачот, при што е констатирано присуство на алкохол во организмот од 1,41г/кг. Направен е преглед на видео записи од камери поставени во близина на случената сообраќајна незгода. Едновремено обвинителството издаде наредба за обдукција на починатото лице. На местото на несреќата извршено е фотографирање и скицирање, издадена е наредба за да се изврши вонреден технички преглед над возилото, како и фиксирање на сите пронајдени траги и предмети, нивно подигање од крим техника, велат од Обвинителството.
Несреќата се случила завчера околу 13 часот, на бул.Трета Македонска ударна бригада во Куманово, кога М.П. со автомобил „форд фиеста“ удрил во паркиран автомобил „сеат толедо“ и во Т.М.(34), А.Љ.(50) и А.Х.(48), сите од Куманово, кои влегувале во возилото.
-Поради стореното, обвинителството поведе постапка против осомничениот за едно кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Воедно до Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово поднесен е Предлог за определување на мерката куќен притвор против осомничениот, поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело, стои во соопштението на кумановското обвинителство.