Последните случувања се уште една потврда дека лица со двојно државјанство не смеат да бидат дел од избраните или именувани функционери во државата. Во спротивно ќе имаме уште многу примери како најисплативо е да се биде на „политичка печалба“ во Македонија, порача поранешната пратеничка Софија Куновска по последните актуелности во земјава и бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби.
Како што објави Куновска, „прилично едноставно е некој да ја изнапљачка државата ако знае дека по завршувањето на мандатот може да си побара заштита од друга земја и никогаш потоа да не може да биде исправен пред лицето на правдата во нашата држава“.
-И не само тоа, туку неверојатно големи се и шансите за можни влијанија во интерес на други земји во спроведувањата на политиките во Македонија од вакви лица кои поседуваат дупли државјанства. Секој паметен би се запрашал чии интереси брани човек со две или повеќе државјанства, наведе екс-пратеничката.
Според Куновска, во сериозните држави и лојалните граѓани со едно државјанство се проверувани со години пред да добијат високи фунции за да се исклучи можноста да одработуваат за некој друг.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, утрото на 15 декември, границата ја поминал со македонски пасош, иако за него имало активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, утврди внатрешната контола на МВР. Слично бегство се случи и со екс-премиерот Никола Груевски кој веќе неколку години живее во Унгарија откако доби азил.
Баш кога поминувал Груби, камерите на граничниот премин не работеле.
„Од страна на раководителот на смена Б. А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина, бидејќи тој како раководител на смена имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смената, со Мобилен систем за снимање со камери(МССК) и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК. Откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б. Ј., С. Ф., Б. А., Ф. Ф. и Е. Ш. било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б. А. истите полициски службеници не биле задолжени со други мобилни камери, бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на внатрешната контрола, исто така било утврдено дека од страна на раководителот Б. А., откако камерите биле вратени, тие не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со Мобилниот систем за камери“, вели Министерството за внатрешни работи.