Курти: Белград ја користи ЗСО како оружје против Косово

од Stefanija Kuzmanovska
169 прегледи

Премиерот на Косово, Албин Курти, денеска оцени дека е нелогично зошто Белград чекал тој да дојде на власт за да се формира Заедницата на српските општини кога се знае колку тој се противи на тоа, тврдејќи дека Белград ја користи ЗСО како оружје против Косово.

Курти на седницата на косовското Собрание навел дека ЗСО требало да се спроведе кога се потпишал договорот, во 2013 или 2014 година, со „тие што го потпишале“, пренесе „Коха“.

„Србија ме чекаше да станам премиер и да го спроведам формирањето на ЗСО, кога се знае мојот став. Значи чекаа да ја формира најголемиот противник на ЗСО. Дури и од политички и логичен аспект, тоа е сосема нереално. Ако ЗСО им беше приоритет, ќе го спроведуваа со тие што го потпишаа. Многу е јасно дека не сакаат ЗСО, туку да го користат тоа како оружје против Косово“, тврди Курти.

Според Курти, „Белград поставува детско барање во врска со ЗСО“.

„Белград ни го прави ова, упатувајќи детско барање, без да замислиме што ќе се случи ако ова прво се спроведе во Србија. Во дијалогот барав да бидеме рамноправни, Косово да биде рамноправна страна, а не субјект. Притоа, со овој пристап ја задржав еднаквоста бидејќи реков дека секое барање мора да има форма на принцип“, посочи Курти.

Курти, исто така, рече дека Приштина не може да се однесува кон амбасадорите на Квинтата како да се косовски министри.

Амбасадорите на Квинтата претходно побараа од Приштина да ги одложи вонредните избори во четири општини на северот на Косово закажани за 18 декември (Звечан, Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ).

Слични содржини