Курти: Борел се откажа од март 2023 година како краен рок за постигнување договор за нормализација на односите

од Vladimir Zorba

Премиерот на Косово, Албин Курти денеска го критикуваше високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел за напуштањето на март 2023 година како краен датум за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

„Со жалење морам да кажам дека посредниците, во овој случај Борел, се откажаа од рокот март 2023 година и од предлогот на ЕУ за нормализација на односите“, рече Курти во Брисел, објаснувајќи дека за Косово не е прифатливо „она што бевме поканети овде: договор итно да се заложиме за конечен договор за целосна нормализација на односите. Крајниот рок беше март 2023 година“.

Курти рече дека ЕУ предложила Косово да не изрекува казни за регистерски таблички кои ги смета за незаконски, да продолжи со опомени и Србија повеќе да не издава таблички со акронимите на косовските градови.

Курти рече дека кога се сретнале во Париз во рамките на мировниот форум, Борел рекол дека предлогот не е француско-германски, туку на ЕУ и поддржан од Франција и Германија.

„Во ред, тогаш ќе го наречеме и предлог на ЕУ. Меѓутоа, денес со жалење можам да кажам дека тој се откажа од предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, рече Курти и додаде дека го вели ова со жалење „бидејќи тие самите предложија март 2023 година, а од друга страна, тоа е предлог од Европската Унија“.

Повеќечасовната средба на премиерот на Косово и претседателот на Србија не доведе до договор за начините за надминување на актуелната криза предизвикана од одлуката на Владата на Косово да ги замени српските регистарски таблички на Косово.

Шефот на европската дипломатија Жосеп Борел денеска изјави дека на разговорите во Брисел не е постигнат договор за регистарските таблички.

Курти не се согласи со договорот, рече Борел и додаде дека ЕУ сега јасно бара Косово да се откаже од казните, а Србија повеќе да не издава таблички.

„По повеќечасовни разговори, двете страни денеска не се договорија за решение. Мислам дека има сериозна одговорност за неуспехот и каква било ескалација во наредните денови. Претседателот Вучиќ прифати, но премиерот Курти не“, рече Борел.

Тој побара од двете страни веднаш да исполнат две барања на Брисел: Косово веднаш да ја прекине следната фаза од одлуката за регистарските таблички и Србија да го прекине издавањето на своите регистарски таблички.

Слични содржини