Курти: Четири чекори за дијалог со Србија

од Vladimir Zorba
328 прегледи

Премиерот на Косово, Албин Курти, денеска на состанокот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент изјави дека има четири чекори за дијалог со Србија, дека дијалогот нема алтернатива и дека отворените прашања мора да се решат.

За време на својот говор пред европратениците, како што јави приштинската агенција „Телеграфи“, Курти зборувал за четири чекори за обновување на дијалогот со Србија и најпрво ја спомна својата обврска да ги зачува суверенитетот, независноста и Уставот на Косово.

„Првиот е прифаќање на реалноста, не можеме да се вратиме во времето пред независноста. Независноста на Косово беше постигната според пакетот (на Ахтисари), а отворањето на овој пакет значи отворање список со желби што ќе доведе до непредвидливи настани“, рече Курти.

Вториот чекор е да се прифати вистината.

„Србија мора да ги признае злосторствата од минатото. За да спречи геноцид, НАТО мораше да го бомбардира Белград, бидејќи неговиот режим изврши геноцид на Косово. Имаше државен апарат и владини службеници и синџир на команда, но дури и по војната во Косово, новата влада во Србија не се дистанцираше од Милошевиќ и злосторствата од минатото. Без дистанцирање од воените злосторства, Србија се идентификува со нив“, рече Курти.

Според него, третиот чекор е еднаквост на претставниците на Косово и Србија во дијалогот, додека четвртиот принцип е победниците и корисниците на дијалогот да бидат крајни корисници.

Премиерот на Косово рече дека Косово сака нормализирање на односите со Србија.

„Ние не го занемаруваме дијалогот со Србија, сакаме нормализирање на односите со Србија, но нормализацијата не може да биде на штета на нашите интереси. Ние сакаме да ги нормализираме односите меѓу нашите земји. Оддалечувајќи се од логиката за размена на територии, државите ќе излезат подобро од дијалогот. Дијалогот веќе не е спасување на политичарите“, рече тој.

Курти рече дека Белград сака да го обвини Косово за создавање на Голема Албанија.

Во текот на денешниот ден, Курти се состана и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Како што беше соопштено од Владата на Косово, Курти се заблагодари на претседателката на ЕК за поддршката на ЕУ во соочувањето на Косово со пандемијата Ковид-19 преку финансиска помош и обезбедување вакцини преку механизмот КОВАКС.

Тој се заблагодари на Комисијата на ЕУ за нејзините напори што е можно поскоро да обезбеди нови дози на вакцини за Република Косово.

Премиерот Курти истакна дека приоритети на Владата се инвестициите што овозможуваат нови работни места и судските реформи.

Слични содржини