Премиерот на Косово, Албин Курти, денеска на вонредна седница на косовското собрание објави дека ќе се формира институт на Косово за документирање на „злосторствата извршени од Србија на Косово“ и повтори дека тужба за геноцид се подготвува.
Курти повтори дека планот за работа неодамна усвоен од Владата предвидува подготовка и поднесување на тужба против Србија за геноцид во Косово, објавија „Репортери“.
„Ќе го основаме Институтот за злосторства извршени од Србија и ќе поднесеме тужби пред Меѓународниот суд на правдата. Нашата надворешна политика е важен столб кој мора да нè заштити од непријателот и да нè приближи до нашите пријатели“, рече Курти.
Тој посочи дека соработката и сојузот со Соединетите држави и Европската унија ќе се продлабочат, додека членството во ЕУ останува приоритет за оваа влада.
„Решавањето на отворените прашања со Србија треба да се направи преку принципиелен дијалог. Појаснување на судбината на исчезнатите и киднапирани лица. Косово не прифаќа дијалог таму каде што тоа се третира како тема на дијалог“, рече Курти.